К О М У Н И К А Ц И И

- MEDIA BLOG -

К О М У Н И К А Ц И И random header image

Дистрибуција на видео во време на нови медиуми

24 July, 2008 · Автор: Darko Buldioski

Една од основните работи кон кои би требало што е можно побрзо да се прилагодат традиционалните медиуми, особено оние кои се сериозни на полето на новите медиуми е дистрибуцијата на вести.

Во време на блогови, социјални мрежи, социјални news сајтови rss и голем број на други опции за споделување процесот на шиерење на одреена информација или содржина е значително промент. Токму затоа при создавањето на нова содржина мора да се имаат предвид сите овие работи.

На Glocal 2.0, во Мај, во вовданта сесија Paul Bradshaw зборуваше на оваа тема. Тоа што тој го зборуваше на ниво на теорија, веќе во голема мера може да се посведочи во пракса кај некои од поинвентивните или понапредните интернет медиуми.

Такво искуство опишува Charlie Tillinghast од MSNBC.com Тој во следново видео појаснува зошто им дозволуваат на своите корисници да ги вградуваат видео материјалите од MSNBC.com на своите сајтови, но и со кои проблеми се соочуваат.

Via

А што се случува со нашите ТВ сајтови? 

А1, Канла5, Телма, Алсат-М, и Сител сите имаат видео вести на своите сајтови. Но формата на видеото е на ниво од пред 5 години. Прво, поголем дел поставуваат .wmv видео записи (Телма има .rm) и самите видео вести се доста големи како фајлови и споро се вчитуваат, плус нели бараат различни плеери и додатоци кои мора да ги има компјутерот или прелистувачот за да се вклучат.

Освен А1, сите останати ги ставаат сите вести, најчесто централните како еден видео клип. Не се ни разделени по прилози, а да не зборувам за адаптирани (прилагодени) за интернет. Повторно, освен кај А1, кај другите не најдов архива на видео вести. Што веројатно значи дека претходното видео го заменуваат со следно. Кој видел, видел. Нели така е тоа на ТВ, па зошто би било различно на интернет.

Можностите на видео флеш видео плеерите денес одамна ги имаат надминато овие грди и непректични плеери. Почувајќи од опциите за вметнување реклами, коментирање испраќање преку меил, самостојна врска (пермалинк) па се до вградување.

Ако се земе предвид дека во државава видео вестите, т.е. ТВ вестите се извор бр.1 прашањето е зошто тоа не се отсликува и на интернет? Денес не е толку тешко да се направи ова. Постојат одлични и не многу скапи сервиси кои нудат вакви услуги и изгледаат епен професионално, ако ништо друго :)

СПОДЕЛИ:
  • Kajmak.ot
  • del.icio.us
  • Digg
  • StumbleUpon
  • Ma.gnolia

→ 0 КоментариКатегории: Media · New media · TV · local · online

Сите лица на Нина

23 July, 2008 · Автор: sead93

Кога се работи за глобализацијата, таа главно се пропагира како овозможување на „сé за сите насекаде“, но во реалноста тоа најчесто се реализира како „исто за сите насекаде“. Униформизација на формите и содржините на културите, губењето на разновидноста и природната креативност на различните култури, е една од најконтроверзните последици на глобализацијата. Корпорациите кои се движечката сила и доминантна логистика на глобализацијата постојано изнаоѓаат рецепти како да ја замачкаат оваа работа, а една од потрендовските тактики е „локализација“ на глобалните производи. Масовното механизирано производство на лесни производи од поодамна излезе од фабриките и влезе во сферата на медиумите. Кога се работи за глобални медиумски производи за пример на темава/тезава, може да послужи Нина, иако она баш не се дава :) Сé започна со латино-американската сапуница „Yo soy Betty, la fea“, продуцирана во Колумбија. Откако серијата стана хит, нејзини локално-прилагодени клонови се појавија во:

betty_colombia_090506.jpg ugly-betty-america-ferrera-300-0327071.jpg osklivka-katka-11.jpg

 sara_image2.jpg post-46-11969397682.jpg

Пронајди ја вистинска и и „најружната“ Бети

Јасно е дека медиумско-корпорацискиот пристап насочен кон максимизација на профитите инвестира најчесто во проверени рецепти, а директното копирање го затскрива со локализирање на самите сценарија на овие серијали, за да полесно го омасови продавањето/конзумирањето. Се разбира на гледачките кои се емотивно приврзани кон ликовите на серијата која ја следат, оваа компаративна фактографија не им значи нешто многу, што ни открива и друг аспект на овој процес, емотивно-афективната манипулација, односно играње со чувствата на гледачите, кои секако свесно влегуваат во тој процес, но несвесни за интензитетот на манипулацијата во таа игра.

По оваа епизода со „Бети“ , Нина итн, можеби и мажите можат да кажат дека сите жени се исти :) но исто така важно е да се додаде дека ова е секако еден вид напримена на брендирањето во сферата на медиумите.

СПОДЕЛИ:
  • Kajmak.ot
  • del.icio.us
  • Digg
  • StumbleUpon
  • Ma.gnolia

→ 0 КоментариКатегории: Media · Society · information society

Интервју со модераторот на Утрински

23 July, 2008 · Автор: Darko Buldioski

Изминативе неколку недели во неколку наврати ја отваравме темата за модерација. Прво интервју со директорот на Tempero, водечка британска компанија која се занимава со комјунити модерација, потоа коментарот за коментарите на Сеад па потоа уште еден update за коментарите по појавувањето на колумната Интернет плукачи.

Ја продолжуваме оваа тема со првото интервју за блогов Комуникации.нет. На наше огромно задоволство Зоран Ричлиев, од Утрински, одговори на сите прашања кои му ги поставивме и тоа доста исцрпно. Во продолжение интервјуто, а јас да му се заблагодарам на Зоран уште на почеток на овој долг пост :). Фала Зоран.

1. Пред колку време Утрински започна со објава на коментари? Дали беше прв од интернет изданијата на нашите дневни весници?

Можноста да се коментираат статиите на онлајн изданието на „Утрински весник“ постои од октомври 2006 година, кога всушност се направи редизајн на сајтот кој постои од 2001 година. Неколку месеци пред да почнеме ние со оваа форма еден од весниците на своето онлајн издание се обиде да ги објавува коментарите, и тоа без модерација. По два три дена разочарани од „некултурата“ на коментарите како што напишаа во нивното соопштение, тие ја повлекоа варијантата да ги објавуваат коментарите јавно иако тие реално стојат некаде на веб, затскриени зад корисничко име лозинка за евентуалниот модератор.

Следејќи ги современите текови во однос на оваа двонасочна комуникација кај медиумите, пројавив иницијатива и во согласност со уредниците почнавме да ги објавуваме коментарите и функционираме речиси две години. Таа обврска е единствено моја, а тоа е само дел од мојот ангажман околу целокупниот сајт.

Утрински Весник онлајн

2. Со која динамика се движи развојот? Има ли пикови и пресврти?

Од првиот ден читателите одлично ја прифатија опцијата и до Редакцијата стигнуваа голем број коментари. Во тој период беше овозможено на една статија да се коментира неограничен број пати, со што се овозможуваше лесна злоупотреба на оваа контакт форма од поединци, а неретко и коментарите излегуваа од темата и се сведуваа само на препукување меѓу читателите.

Минатата година се воведе правило од една IP адреса да може да се коментира само по еднаш на статија и коментарите добија на квалитет. Во истиот период се овозможи и гледање на IP адресата на коментаторот од страна на модераторот, што служи за лоцирање на злоупотреби од страна на некои коментатори, а неретко и политички штабови (особено за време на предизборието), странски служби, заинтересирани субјекти, обиди за лична дискриминација итн.

3. Како изгледа дневната рутина на главниот и одговорен модератор во Утрински?

За жал, кај нас, луѓето, а особено новинарите, не се заинтересирани за процесот на модерација. Другите медиуми се откажаа од објавување или модерирање на коментари поради неможност да се ангажира човек за оваа навистина обемна и деликатна работа. На пример, на некои сајтови на печатени медиуми коментарите се без било каква модерација, а за илустрација за тоа какви опасности произлегуваат од тоа прочитајте ги реакциите на колумната на Владо Бучковски за Тоше Проески.

Модерацијата е сериозна професија. Меѓутоа, кај нас јас не можам да најдам колега кој го работи истото со полн ангажман, што е навистина разочарувачки знаејќи дека читаноста на печатените медиуми на интернет е значително поголема отколку на оригиналните изданија.

Сепак, мора да се спомене дека уште еден печатен медиум ги објавува модерирано коментарите, но мора да напоменам дека искуството покажало дека таму не се работи според универзалните принципи на модерација. Од неодамна една од телевизиите на својот сајт влезе во авантура со коментарите, но таму се објавува само незначителен број, во однос на пристигнатите.

Модераторот (доколку е сам) е на работа 365 дена по 24 часа, но сепак времето е поделено во 6-7 интервали од 20-ина минути, барем во нашиот случај.

Онлајн изданието на „Утрински“ за жал се` уште функционира на принцип на изданија, а не како портал. Тоа значи дека сите содржини, кои во најголем дел се идентична верзија на печатените, се објавуваат на полноќ. Тоа предизвикува патерни во бројот на посетите, па така првиот бран е токму на полноќ, кога вестите се наjтазе, а вториот многу поголем е од 08ч.-12ч. претпладне, што имплицира дека весникот на интернет се чита главно од работа. Модераторот најчесто останува буден по полноќ и се буди пред 9 часот наутро, за да се објават коментарите кои служат како подлога за prime-time времето до 12 ч, период во кој се проверуваат најинтензивно. Во текот на еден ден во случајот на „Утрински“ пристигнуваат околу двесте А4 страници (!) коментари, што никој не го очекуваше, но се чини дека работата сепак има резултат, барем според реакциите.

Олеснителна околност е тоа што модераторот може да ја врши својата работа од кој било компјутер (или друг уред) што има интернет, што значи не е врзан со канцеларија.

Во случај на годишен одмор на модераторот, некој од колегите новинари ја врши функцијата во намален обем. Морам да нагласам дека модерацијата е новинарска вештина, не техничка.

Инаку кај „поразвиените“ земји модерацијата најчесто ја вршат специјализирани услужни фирми, со што самиот медиум или сајт се дистанцира од евентуална злоупотреба на модерацијата.

4. Колку самите коментатори ги почитуват правилата? Колку коментари без размислување од старт отпаѓаат? (грубо)

  • Интернет-изданието на „Утрински весник“ го задржува правото да не ги објави коментарите кои содржат навреди, непристоен речник, лични дисквалификации, национална, расна и верска омраза, како и секакви незаконски содржини.
  • Не се објавуваат коментарите напишани со големи букви и оние што не се напишани на македонски јазик.
  • Препорачливо е коментарите да се однесуваат на текстот, а не на другите коментари.

Ова се накратко правилата што врз база на универзални кодекси ние ги формиравме, но се чини дека не постои голема желба од страна коментаторите за нивно почитување, па неретко постои револт и реакции на читатели за цензура, а не се ни обиделе да ги прочитаат.

Модерација е едно, цензура е друго.

Она за што од првиот ден кога почнав да се залагам, покрај другото и со оваа комплексна работа е дека нема да има цензура. Со тоа се согласуваат и моите уредници и одговорно тврдам дека коментарите во „Утрински“ не се цензурирани, што можат да го потврдат и самите читатели, а и архивата на сите тектствои кои засекогаш ќе останат со коментарите под нив.

Со постоењето на евентуална цензура се губи смислата на постоењето на коментарите. Секоја наклонетост на модерацијата кон политичка опција или сфера на интерес публиката знае да ја почувствува. Доколку некој сака да ги види сите коментари се што треба е да дојде лично во редакцијата и тоа ќе му биде овозможено.

Од друга страна, за некој да биде поттикнат да коментира најчесто причина е одреден револт, кој може да биде насочен кон политичар, закон, грешка на новинарот, став на новинарот (или колумнистот). Тоа подразбира и поостар речник и неретко коментаторите несвесно ги кршат правилата, најчесто правилата за недискриминација на личност и неширење национална омраза. Многу поретки се позитивните коментари затоа што за да се остави позитивен коментар читателот треба навистина да е воодушевен од веста или содржината, а сведоци сме дека такви вести кај нас во последно врме не се многу.

До пред неколку недели модерацијата на „Утрински“ беше послободна, но почнавме да добиваме жалби од сите страни. Едноставно, многу од коментаторите употребуваа речник кој не е соодветен за едно јавно гласило. Слободата да се биде анонимен и да се напаѓа личност која излегува пред јавноста со име и презиме премногу се злоупотребуваше. Во овој период не се објавува само 3-5% од коментарите.

По консултации со уредниците, стручни лица, стручна литература, како и од почит кон многуте мејлови што ги добивме со жалби на нивото на коментарите сега стрикно се почитуваат правилата. Интересно е што публиката овој начин брзо го прифати и на некој начин го дисциплинира својот израз и сега повторно не се објавува само мал процент од коментарите, и покрај значително заострените критериуми.

На крај, секогаш постои опцијата за регистрација на оние кои сакаат да коментираат со нивниот вистински идентитет кој ќе биде познат само на редакцијата, но и овој модел има свои големи недостатоци.

Уште еден момент е битен во контекст на анонимноста. Често сум среќавал со еден чуден вид на злоупотреба на оваа контакт форма: се пишува коментар со име и презиме, но зад него стои сосема друга личност. Единствениот мотив е да се дискриминира тој чие име е напишано, затоа во последно време коментарите со име и презиме се објавуваат само после поголема проверка.

Утрински Весник онлајн остави коментар

5. Дали и како коментарите влијаат на работата на новинарите?

Во последно време новинарите интензивно ги читаат коментарите. Мора да се рече дека се чувствува притисок, особено кога нивниот став не се поклопува со стереотипот. Сепак, Утрински има искусни новинари кои знаат да се справат со притисокот, но и да се корегираат кога тоа е навистина потребно. Постои опасност од додворување кон читателите, но за среќа и тоа не се случува. Реакции имаше и ќе има. Модераторот е во средина и доколку тој не се придржува кон универзалните начела и не е максимално објективен, тој е во опасност да го изгуби компасот и да подлегне на притисоците како од публиката, така и од авторите на статиите.

Посебен случај се дел колумнистите, кои најтешко ги поднесуваат коментарите. Некои од поранешните наши колумнисти побараа коментари на нивните текстови да не се објавуваат. До некаде и тие имаат право затоа што тие со нивниот легитимен идентитет, не се во можност да ги одбранат своите ставови од анонимните неистомисленици.

6. Дали Утрински планира збогатување на двонасочната комуникација во блиска иднина?

„Утрински“ вложува многу во иднината на своето интернет издание, но се` уште постојат бариерите од „виртуелноста“ на медиумот во очите на мејнстрим новинарите. Се додека кај нас сајтовите се one-man-show квалитет во вистински смисол на зброт нема да има. Идеите се многу, ресурсите се ограничени. Но онлајн изданието на „Утрински“ го има заслуженото место кај публиката и тоа е мотив да се истрае и со многу ентузијазам да се имплементираат функции и димензии кои сите современи њуз-сајтови ги имаат.

7. Сега откако законот е построг, дали конечно ќе се почитуваат правилата за коментирање, т.е. дали модераторите нема да ги објавуват коментарите напишани на латинско писмо?

Закон е закон и мора да се почитува, но за да заживее употреба на една таква регулатива потребни се предуслови. Јас лично, пред мене се’ уште немам видено „Виндоус“ на македонски иако знам дека наводно постои, а ускуствата покажуваат дека 90 проценти од кориснците на компјутери овде (вклучително и Македонци во странство) немаат поим дека може да пишуваат на македонски од речиси секој компјутер.

Значи прво треба да се обучат субјектите, па потоа да се обврзат на нешто. Најчесто „Ворд“ документите кои пристигаат до редакција, од соопштенија на минитерства, па се до промоции на книги и писма на читаели и слично се пишувани без македонска поддршка, односно во МакЦтајмс или слично, што покажува дека опцијата со јазикот не се користи ни во официјалната комуникација.
Е како сега да ги натераме да пишуваат коментари кога едноставно не знаат дека (во најголем број случаи компјутерот по дифиолт им е веќе сетиран со македонска поддршка) треба само да стиснат ALT и SHIFT и ќе им се отвори светот на кирилицата.

Во коментарите често стигнуваат коментари од Бугари (кои не се објавуваат поради непочитувањето на правилото дека се објавуваат коментари исклучиво напишани на македонски јазик) кои се прашуваат зошто не пишуваме кирилица. Кај нив може да се забележи дека сите пишуваат кирилица, освен оние што се преправаат дека знаат македонски (!?), па пишуваат латиница.
Кога барем 50 проценти би знаеле да пишуваат во уникод, би ни било задоволство да го применуваме законот, за кој не сум сигурен дека обврзува дека и ваквата форма на комуникација треба да подлежи под него. Инаку ќе имаме објавено само по 20-30 коментари на ден од 300-500 колку што добиваме вообичаено.

Уште еднаш благодарност до Зоран, други прашања ќе може да се остават во коментарите за Зоран ако може подоцна да одговори и на нив.

СПОДЕЛИ:
  • Kajmak.ot
  • del.icio.us
  • Digg
  • StumbleUpon
  • Ma.gnolia

→ 7 КоментариКатегории: Journalism · Media · Society · local · online

Исчекори…

22 July, 2008 · Автор: sead93

Да не испадне дека на блогов само се мрчело и критикувало, но и со вистински искрен повод, три работи за пофалба кај домашните електронски и онлајн медиуми од минативе неколку дена/недели:

  • Вестите на ТВ Алфа: фини, уредни, професионални, средени прилози, најчесто со разработена sko_tvalfa.gifударна вест, со елементи на истражувачко новинарство, што за брз медиум како што е телевизијата е навистина достигнување. Без ефтин скандализам и мелодраматика, јас како гледач навистина не мора да знам за секое педофилство и самоубиство во државата, така што овие работикои директно не не засегаат најчесто не се во нивната ТВ агенда, па вестите се долги 20-тина минути.
  • Вестите на А2 ТВ: Кога ги видов новинарите кои се префрлија во А2 погрешно претпоставив дека тоа ќе a2-logo.jpgбидат истите тв ѕвезди на различна ТВ. Но, да не ти било така, на општо добро. Се гледа дека екипата игра поинаку, и ги реализира вестите на поинаков начин, кој е освежување на нашиов домашен „пазар“. Со слични моменти како и погоре, посредени прилози, добро елаборирани ударни теми, гости без политичка агенда, понепосредни прилози, и помалку „конвенционално политичко дрвење“. Се надевам дека уредниците ќе разберат дека што помалку има политички фаци по вестите, а повеќе вистински живот, прилозите ќе им бидат погледани.top-logo.gif
  • ОН нет: Мала иновација, но за мене така битна: линк до оригиналната вест. Супер. Мала забелешка е дека малку линковите рандоматично ги фрлаат на секакви зборчиња (сврзници, партикули, заменки :) но ова е формална забелешка, не е нешто што го менува позитивниот впечаток.

Се надевам дека овој позитивен впечаток ќе го задржат, но и надградат.

СПОДЕЛИ:
  • Kajmak.ot
  • del.icio.us
  • Digg
  • StumbleUpon
  • Ma.gnolia

→ 0 КоментариКатегории: Media · TV · local · online

Просторно менаџирање на информациите - или Фенг Шуи на сајтови

20 July, 2008 · Автор: sead93

Да се најде информација денес не е проблем, проблемот е што има премногу информации. Начинот на кој тие се менаџирани, организирани, средени, подредени, надредени, поврзани, сместени, е вистинскиот предизвик во оваа фаза на развојот на информациското општество. На глобален план проектите се бројни и овој вид на организирање на информациите главно се води преку подобрување на сервисите за пребарување (search engines), поврзување на информациите (поефикасно линкање), субспецијализација на информациите (niche services), и така натаму.

Она што мене и е поинтересно, особено на локален план, е како „менаџерите на информации“ се справуваат со бранот, да не речам бујук-далгата, од достапни информации. Генерална оценка е „со променлив успех“. Најбазично ниво за давање некој суд на оваа тема е просторното организирање на информациите, па овој пост е ограничен само на став за работите на ова ниво.

На домашен план, особено за забавните онлајн сајтови/портали доминира ДЕЦЕНТРАЛИЗИРАНИОТ модел, кој неретко е прилично конфузен и комплициран за посетителите на страницата:

1.jpg

Концепт зад овој модел (централен дел за најнови информации, обично во 2-3 колони, странични колони за секции, реклами/банери, најугоре флеш реклами, линкови, и сл.), кој е застапен во 90% случаи кај нас, секако има, но некако времето и обемот на информации кои се пласираат на нив, го надминува самиот модел па е прилично тежок за читателско менаџирање.

Кај печатените медиуми, магазините, телевизите и слично, најзастапен е моделот од типот на НАСЛОВНА на класичен весник, со одредени твикови и прилагодувања кон медиумот: ударна вест-горе централно, подолу главни вести, оште-од-подолу други вести, секции и сл, како и страничната колона (1 до 2) за банери, линкови и сл).

2.jpg

Вториот модел не е толку „заплиснат“ со информации кои тешко се наоѓаат, но сепак степенот на организираност не е доволно „услужлив“ за читателот. Лично ми се допаѓаат како се средени, просторно-концепциски сајтовите на Утрински и А1, се гледа сериозна обмисленост насочена кон лесно пребарување,но ова е само личен впечаток.

Блоговите се некако на златната средина и се прилично едноставни (можеби дел од симпатичноста на блоговите е и ваквиот тип на леснотија во пребарувањето на страниците). Иако денес линеарноста не е толку на цена, ЛИНЕАРНИОТ модел во случајот на блоговите ја овозможува толку важната едноставнст во просторно менаџирање на содржините:

3.jpg

Скролај надолу, нема утка

Некои универзални совети нема, на пример на сајтот на „ТВ Нова“ како решение за големиот број информации земен е моделот на зголемен формат на одделните блокови од вести. Модел кој врши чесна работа на овој план е на агрегаторот на содржини „Time.mk“, кој покрај добрата просторна среденост под нив ги прибира линковите од содржините на истата тема од различни извори и дава пример за СЕМАНТИЧКИ модел:

 4.jpg

Без многу генерализирање, јасно е дека по првичната веб-еуфорија, доаѓа време на преиспитување и средување на основните категории на вебот, па поедноставување на изгледот и просторната сместеност на информациите е неодминлива фаза.

СПОДЕЛИ:
  • Kajmak.ot
  • del.icio.us
  • Digg
  • StumbleUpon
  • Ma.gnolia

→ 0 КоментариКатегории: Web 2.0 · information society